Не гледај од страна! Учествувај!

Monday, March 22, 2010

„Типичен Ром?“- есеј

Типичен Ром?

Беше тоа еднокатна колиба покриена со стари лименици,несиметрично расфрлани врз градбата изградена со стари,скапани тули и сплескани штици со бледо жолтеникава боја.Очигледно беше изградена од невешти раце,на стрмниот дел во една ромска населба.Во двете малечки,примрачни собички-чиниш секогаш е зиме.Кога ветерот го навестуваше доаѓањето на зимата,колипката едвај се задржуваше на земјата.
Влезната врата беше толку мала,па така оние кои влегуваа внатре мораа да потклетнат, да го свиткаат вратот и потоа да зачекорат во ова живеалиште недостојно за човекот.Се гледаше дека жителите на овој дом не водат многу сметка ниту за ентериерот,ниту пак за екстериерот.Во двете соби имаше по два стари кревета,а едниот од нив беше толку многу расклатен-чиниш си седнал на лулашка.На креветите неуредно беа расфрлани стари, искинати алишта.Само оној кој беше сместен до стариот ќумбет,беше секогаш зафатен од една изнемоштена старица.Беше толку бледа што ти се чинеше дека нема ни капка крв во неа.Боледуваше од тешка срцева болест за која итно беше потребна операција.За жал, нејзиното семејство не можеше да обезбеди парични средства за да го спаси животот на својата сопруга,мајка и баба.
Нејзиниот сопруг,рака на срце, изгледаше како само да го чека денот кога ќе се прости од својата животна сопатничка.Барем така изгледаше.Наутро се будеше дури и пред сонцето.Кога појадуваше, кога не.Понекогаш се случуваше и цел ден да не стави залак леб во устата.Ќе ги исчистеше жолтите лисја кои ветерот ги послал на неговиот праг.Донесуваше вода од чешмата која се наоѓаше подалеку од неговиот дом. Мораше секој ден да пешачи,понекогаш дури и двапати за да донесе вода која беше неопходно потребна.Тоа беше единственото нешто кое ќе го направеше.Потоа имаше обичај да седне на стариот стол,запалувајќи цигара и размислувајќи.Дури и по цел ден ја нишаше изнемоштената и тенка става.Сонцето му го печеше темното,валкано,тркалезно лице кое на сите страни имаше брчки.Со тенките прсти кои наликуваа на стапчиња палеше цигара по цигара.Забите му беа пожолтени од тутунот.На себе носеше искинати алишта,а на нозете црни чевли кои сигурно беа за два броја поголеми од неговиот број.Но ги носеше.Подраго му беше да има барем нешто да му ги топли старите,испукани стапала отколку да оди бос.Интересно нешто за овој Ром беше тоа што секогаш носеше една сива,избледена блуза која по сè изгледа за него имаше некакво значење.Сам ја переше и едвај сува,пак ја облекуваше на него.Никој не знаеше зошто и какво значење имаше таа за него.Животот му беше мрачен.Судбината-црна.Едвај кажуваше збор-два,само се нишаше со столот и размислуваше.За што размислувал -само Бог знае.Неговата ќерка беше убава жена можеби и најубава од Ромките.Меѓутоа имаше тежок живот.Беше омажена но нејзиниот маж загина близу до нивната колиба.Го прегази автомобил возен од рацете на неискусен возач. Тој ѝ остави убав подарок.Машко дете кое требаше да биде гордост на куќата.Секој ден кога ќе се разбудеше прво одеше кај нејзината мајка и ѝ донесуваше сè што ѝ е потребно.Секогаш плачеше,се кинеше од болка но немаше многу што би направила.Еден ден се приближи до ќумбетот да го напали огнот,веднаш до нејзината мајка.Се приближи до неа и речиси и не ја чувствуваше.Таа не дишеше.Починала.Солзи,болка,пискот.Сето ова се беше собрало во двете мрачни соби.Сите Роми се собраа да ја испратат својата сосетка.Мрачниот човек и неговата ќерка речиси и воопшто не комуницираа,па ниту оваа голема трагедија и огромна загуба не ги зближи.Со конечниот поздрав со својата мајка,таа си ги собра малкуте работи, го облече својот син и си замина од куќата.Татко ѝ ништо не ѝ рече.Ниту збогум.
На неговото лице се слушти само една врела солза и на глас извика:”ПРОКЛЕТА ДА Е СУДБИНАТА ШТО ЈА ИМА СЕКОЈ РОМ!!” Седна на столот и почна да се ниша.Се нишеше и само се нишаше...................

Цвијовиќ Анета
Крива Паланка