РОМКИТЕ ТРЕБА ДА “ВОЈУВААТ“ НА ДВА ФРОНТА
Покрај нееднакватна стартна позиција во општеството,
ромската жена треба да се избори и со стереотипите и предрасудите во ромското
семејство.
Бремето што го носи ромската жена тежи двојно
повеќе, бидејќи таа треба да “војува“ на два фронта истовремено.Во
општеството-заради нееднаквиот старт условен од ниското ниво на образование,
етничката и полова припадност и во семејството оповарено со стереотипи,
предрасуди и вкоренети традиционални вредности. Ова е заклучокот од најновото
истражување на Регионалната Ромска образовна младинска асоцијација (РРОМА) од
Кратово, спроведено во рамките на интернационалната кампања „Нашето место,
нашиот простор, нашиот случај“. Проектот се реализира во партнерство со
организациите ЕРГО од Белгија, РАА од Албанија, ЕДРОМ од Турција и Интегро од
Бугарија, а финансиски е подржан од Европската комисија со средства од ИПА
компонетата.
-Целта на истражувањето
беше да се дојде до фактички податоци за позицијата на Ромката внатре во
смејството, за што имаше многу малку информации.Економската криза, недостигот
на политичка волја и координираност за решавање на ромското прашање влијае на
дискриминацијата и исклученоста, но се тоа се случува надвор од ромското семејство.
Ние сакавме да го дознаеме третманот на ромската жена во семејните заедници во
однос на родовата еднаквост,стапката на вработеност и нејзината улога во
насочувањето на иднината на нејзините деца. Забележаме дека ромската жена во
старт има нееднаква позиција при носењето одлуки во семејството, образованието
и финансискиот придонес, а самата неписменост допринесува за понатамошна
зависност на жената од мажот, истакнува Мустафа Јакупов, извршен директор на
РРОМА.
Во истражувањето биле вклучени 600 лица
од Велес, Штип, Кочани, Виница, Берово, Пехчево и Црник. Во првиот дел од
истражувањето биле опфатени 100 млади девојки за тоа каде се гледаат себеси во
иднина,а во вториот дел биле анкетирани 500 Роми од кои по 10 % мажи и млади
Ромки, а останатите 80 отсто жени од 20-50 години.
-На краткорочен план само 9 отсто од младите се гледаат
себеси како вработени, додека долгорочно 30 проценти од нив се надеваат на
вработување. Но, интересно е што дури 40 % се гледаат себеси во иднина како мажени
надвор од државата, а иако исто толкав процент очекуваат промени кои ќе
овозможат еднакви права на жената, сепак само 5% сметаат дека ќе
бидат еманципирани и интегрирани, вели Јакупов.
Најпоразително е тоа што наспроти визијата за
нивните деца како високообразовани личности, сепак Ромките сметаат дека тие
треба да стапат во брак и да основаат семејство на млада возраст, најчесто од
19-21 и од 16-18 години.
-За жал, покрај семејствата, и институциите гледаат на
малолетничките бракови како на дел од традицијата кај ромската популација.
Апелираме да се смени овој став и на ова прашање да се гледа како на кршење на
правата на детето, а надлежните да донесат програми за надминување на овој
проблем, сметаат од РРОМА.
Испитувањето покажало и дека само мал процент
од мажите смета дека жените имаат право во носењето одлуки во семејството, како
и на работа и учество во семејниот буџет. Жените, пак, најчесто се
гледаат како вработени шивачки во текстилната индустрија,истакнувајќи дека и
покрај образованието многу тешко можат да напредуваат и да изградат кариера.
-Мора да заклучиме дека македонското општество во целост
е традиционално, но тоа е поизразено во ромските заедници.Тешко е да се биде
жена во патријахално општество,а истовремено и да и припаѓате на малцинска
група, која секојдневно се соочува со предрасуди и стереотипи. Затоа,
предлагаме да се креира мониторинг тим за имплементација на законот за еднакви
можности на жените и мажите, зашто сите анализи во Источна Европа покажуваат
дека токму неговото неспроведување е најслабата алка од синџирот на заштитата
од дискриминација, нагласува Јакупов.
превземено од Дневник