Во периодот што следи со РРОМА ќе работи новиот младински волонтер Надир Усеин. Надир ќе работи заедно со нас на исполнување на нашата мисија, а пред се на тоа младите да бидат млади и да уживаат во можностите кои што им ги нуди РРОМА!
Во прилог следи кратко претставување од страна на Надир :)
„Здраво на сите! Јас сум Надир Усеин и имам 18 години. Живеам во Скопје, општина Шуто Оризари. Студент сум на катедрата за "Меѓународни односи и интеркултурни студии“ при Универзитетот Св.Кирил и Методиј на Филозофскиот факултет. Отсекогаш сум посакувал да направам промена во моето општество, токму таа желба ме мотивирала да го направам првиот чекор кон подобра иднина. А каде, ако не во граѓанскиот сектор. Се сеќавам на 2014 година и моето прво учество. Таа година за првпат сум застанал пред 300 луѓе, промовирајќи ја сопствената култура. Тоа чувство беше непознато, но многу убаво. Таа година светна искрата во мене Во НВО „Амбрела“ се разбуди свеста кај мене да бидам активен во општеството. Таму започна и не престана, туку продолжила да расте се повеќе од ден во ден, во многу невладини организации, како во Романо Авази, Црвен Крст, РРОМА. Тоа што го правам ме исполнува со животна радост, внатрешна рамнотежа, мир и спокојство во душата.
Сега пред мене е предизвикот да бидам младинскиот волонтер во РРОМА, да работам и растам во една динамична средина, полна со можности за лично надоградување и можности да им помагам на своите врсници. Верувам дека можам да бидам позитивен пример за многу млади. Многу е убаво чувството кога можеш да помогнеш утрото да биде поубаво и подобро. Им препорачувам на сите млади да бидат активни и најискрено ги охрабрувам да учествуваат во процесот кон подобра иднина и општество еднакво за сите. Како што вели слоганот на РРОМА: Не гледај од страна, учествувај!“