„Типичен Ром?“Мудрите луѓе, од дамнешни времиња зборувале дека се што остваруваме или имаме желба да го оствариме е директен производ од она што го мислиме, за нашите или туѓите животи.
Според тоа, јасно е дека лошите мисли ни носат лоши плодови, а добрите мисли добри плодови. За жал, многу малку се застапени добрите мисли околу нас, навидум без добро да се отворат очите пошироко, се гледаат само лошите плодови.
Секој од нас чекори по патеката на животот ... некој побрзо, некој побавно ... секој индивидуално стигнува до одредено место, „станува“ нешто во животот. Се она што „стануваме“ е резултат на мислите што сме ги имале.
Почнав да пишувам генерално за она што може да се случува во животот на еден човек и ќе продолжам на истиот начин. Според она што мислиме т.е. мислат луѓето или индивидуите се создал еден лош производ, една лоша мисла за зборот Ром.
Ром - асоцијација за лош збор, човек кој е необразован, ги работи само нечистите работи во светот, живее во мала куќарка, преживува од ден за ден.
- Стоп!!! Не е оваа вистинската слика за еден Ром. Многу малку ја имаат таа вистинска слика за Ромите. Обично се споредуваат со луѓе кои крадат, лажат, се занимаваат со црн бизнис. Ако им веруваме на таквите мислења, тогаш да знаете секогаш се омаловажуваме себеси и својата нација, својот талент, идентитет, и загарантирано сме преодредени на неуспех.
Ако ги потцениме своите можности, искуство и знаења кои ги поседуваме како и секое човечко битие, светот нема да може да си дозволи да го промени своето мислење и ќе ја прифати жалосната иднина, која не сме ја заслужиле.
- Доста е веќе!!! Доста е со негативностите и во мислењата и во дејствувањата. Само Ромите знаат колку добрина носат во себе. Ромите веќе не живеат за да прават свадби од една недела, не превезуваат ѓубре со коњски запреги, не собираат хартија, не лажат, не крадат ... Не постоела, ниту постои лошата циганка која ги краде малите деца ...
– Ех, кога би можела да се смени оваа нереална слика, но знам дека е потребно и време и напор да се промени оваа мислење.
Не постои совршенство, па затоа се надевам дека тоа еден ден ќе го сфатат и тие околу нас, луѓето кои го делат истото небо со нас Ромите.
Многу пати се случува животот да ни подели погрешни карти. Дали ќе ги стиснеме, одбивајќи да ги вратиме, дури и да немаме гаранција дека ќе успееме ... или пак ќе плачеме и ќе се сожалуваме дека нашите грижи и неволји се поголеми од било кој несреќник, кој во секој случај може да биде и не-Ром. Со овие карти на животот може да се сретне било кој без разлика каков е и каде живее, и што јаде и како е облечен, дали е Ром или не.
Ромите се битија, кои за луѓето со искривена и стереотипна слика, претставуваат луѓе кои треба да се сожалуваат дури и поради тоа што постојат, луѓе кои не се корисни и за самите себеси, а потоа и за самата заедница во која живеат.
Тоа мислење барем за мене е многу нечисто и невидливо, затоа што Ромите не се одреден „тип“ или „типични“ луѓе, туку исти и обични како секое човечко битие создадено во овој свет, од крв и од месо. Битие кое има право да живее и дише ист воздух, како и сите други луѓе.
Кога би проработела само за миг свеста на оние кои имаат лоши мисли за Ромите и би ја свртеле камерата и на другата страна, спротивно од бедата, неписменоста, невистината ... Тогаш ќе успеат да ја видат вистинската слика, реалноста.
Ќе видат дека и Ромите се образовани, дека го продолжуваат своето образование, не остануваат само со основно образование. И кај Ромската популација постојат деца кои се интелектуалци, кои се во средното и високото обарзование, и се успешни.
Веќе имаме лекари, инженери, новинари, политичари, социјални работници и други профили кои се во работна функција. Тоа е реалната слика, која можеби и не ви изгледа така, но тоа е добар плод на добри мисли.
Денес, Ромите живеат модерно, но и не си ја забораваат својата традиција и обичаи како и секоја нација, туку си ја негуваат.
Како и секој човек и Ромите веруваат во Господ, работат, имаат семејства и се среќни.
- Е, ова е денешниот Ром. Неговите добри мисли се да имаат хармонично семејство, да биде со саканата личност, да имаат среќни деца кои ќе растат во светот на реалноста. Да ѕирнат во староста, а кога ќе влезат во нејзе да ги видат внучињата како трчаат по дворот, како со насмевка ќе заспијат во нивните пегратки. Тогаш, спокојно можат да ги затворат своите уморни очи и да ја пречекаат смртта гордо и не одрекувајќи дека цел живот чесно работеле, учеле, живееле...
Е тогаш со задоволство заминуваат во другиот свет, зад себе оставајќи, образовани, културни, чесни, ситуирани и задоволни Роми кои со гордост ќе застанат без срам и пред сите ќе кажат – ЈАС СУМ РОМ.
Напишано:
Пашија Фејзула
I година, ДСУ „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје