Не гледај од страна! Учествувај!

Tuesday, April 6, 2010

Во Велес манифестација во рамки на кампањата Типичен Ром

Велес, 3 април (МИА) - Во младинскиот парк во Велес денеска се одржа забавно-образовна манифестација во рамки на кампањата Типичен Ром што ја организира Регионалната ромска младинска асоцијација на Македонија во соработка велешката НВО „Јакипе“.

На манифестацијата младите Роми од Велес, но и од Берово, Пробиштип, Кратово и Кочани настапија со креативни инсталации и точки со современи танци.

- Преку овие инсталации сакаме да прикажеме дека сме тука и дека треба да ни се посвети поголемо внимание. Воопшто, целта на проектот е да се бориме против стереотипите и предрасудите кон Ромите, и истовремено да ја зајакнеме свеста кај самите Роми активно да се вклучат во борбата против механизмите на исклучување, вели координаторот на проектот Мустафа Јакупов.

Кампањата „Типичен Ром“ е меѓународна кампања финансирана од Фондацијата Сполу Интернешнл, а освен во Македонија се реализира и во Албанија, Бугарија, Романија и Молдавија. Започна во ноември 2009, а ќе биде заокружена на 8 април, годинава во Кордоба, Шпанија каде ќе се одржи Ромски самит.

Во рамки на кампањата во Македонија се спроведе истражување за структуралните механизми на дискриминација и маргинализација на Ромите. Втората фаза беше посветена на создавање позитивна слика за Ромите, а во тие рамки беше избран и најпријателскиот градоначалник кон Ромите. Оваа ласкава титула од Македонија ја понесе штипскиот градоначалник Зоран Алексов. Тој заедно со претставниците на ромските организации од Македонија и останатите земји ќе биде гостин на Ромскиот самит во Кордоба, на кој ќе биде претставена Црно-белата книга за Ромите која содржи негативни и позитивни примери за Ромите. Предвидена е и дебата меѓу младите Роми и европратениците за остварување на нивните права. ад/ва/20:29

*превземено од МИА

RROMA-Veles