На 2 август млади Европејци, меѓу кои и учесници од Македонија, во Краков и во Аушвиц ќе го одбележат денот на сеќавањето на геноцидот на Ромите. Целта на оваа иницијатива е да се привлече вниманието на јавноста и да се иницира признавање на денот како погуба на Ромите. Досега овој ден го призна само полската влада.
Младите учесници од различни етнички заедници претходно преку различни работилници за драма, стрипови, музика и графити се подготвуваат за главниот настан. Преку претставата „Гледај и не заборавај“ во режија на Неџо Осман, ќе биде прикажана скратена верзија од претстава за вистинска животна приказна за германска Ромка која го преживеала Холокаустот. Автор на текстот е Михаил Краишник.
- Театарот не е само за забава, туку е и потреба. Преку него се претставува културата. Луѓето имаат многу малку информации за Ромите, а и кога ги имаат претежно тоа се стереотипите. Ромскиот геноцид е еден од најмрачните настани во историјата. За Ромите е важно сериозно да го сфатат тој период, да се сеќаваат, за да не се повтори. Знаеме дека сега 2 август е признаен ден на некој начин. За тоа да се случи, беше потребно многу време, беа скриени многу документи за да не се дознае вистината. Вистината за логорите во Јасеновац – Хрватска и во Аушвиц, каде се убиени официјално половина милион Роми но има податоци дека бројката надминува еден милион. Со вашата мала помош ќе направиме претстава за да го одбележиме денот, нешто што на тие луѓе им го должиме. Знам дека не сте актери но дека сите сте имале некогаш желба да станете - вели Неџо Осман, актер и тренер на групата кој ја подготвува театарската претстава. Покрај театарскиот перформанс, различни групи подготвуваат стрипови, графити и музички нумери посветени на сеќавањето на ромскиот геноцид. Младите на овој начин се дружат и покажуваат дека заеднички можат да се изборат со стереотипите, предрасудите и да изградат толерантен свет. Иницијативата цели кон тоа да ја подигне свеста меѓу младите Европејци, граѓанското општество и да ги охрабри политичките чинители да ги искористат механизмите кон тековните предизвици на расизмот, говорот на омраза и екстремизмот во Европа, како и да ги поттикне младите Роми да бидат клучни актери за промена. Младите Роми и припадниците на други етнички заедници од повеќе од 15 земји ќе се соединат на младинска конференција со различни младински организации, експерти, политички субјекти, како и активисти за човекови права. Крајната цел е да се изгради платформа за човекови права која ќе се бори против стереотипите на меѓународно ниво.