Од 22-ри до 31-ви Октомври 2014 година во Кратово се реализираше младинската размена „Инспирирај ја
креативноста кај младите“ финансирана од програмата ЕРАЗМУС+ од Европската
Комисија во соработка со Националната Агенција за европски образовни програми и
мобилност од Скопје. Во размената учество
зедоа 33 младинци од Македонија, Бугарија, Турција, Романија, Хрватска и
Германија.
Целта беше да се развијат начини на работа со млади луѓе и публика,
развивање на креативноста и креативни акции кои што ја анимираат публиката. За
да се зајакне дијалогот и младинската работа со Ромите и не-Ромите на локално,
национално и меѓународно ниво, како и соработката и односот помеѓу Ромските и
не-Ромските младински организации, имавме за цел поттикнување на концептуалното
разбирање за интеркултурен дијалог, зајакнување и мобилизација кај младите.
Една од целите беше и развивање на пристап за создавање на креативни акции,
како и да се развијат нови проекти во новата програма на ЕРАЗМУС+.
Учесниците разговараа за приоди кои
вклучуваат неформално учење, учество во импровизиран театар, замрзнати
инсталации, цртање на стрипови, креативност, уметноста како акција и
инструмент, мобилизација на млади и можностите младите Роми и не-Роми да учествуваат
во општествениот и политичкиот живот. Младите беа поделени во три групи: медиуми, уметност и музика, но на крај
претставија една целина.
Уметничката група имаше за задача на креативен начин да ги искажат проблемите
кој што ги засегаат младите воопшто, групата за музика имаше за цел да направи
музика, притоа не користејќи класични музички инструменти. Додека пак групата
медиуми имаше за задача сите случувања да ги документира и на крај да направи
видео запис и интернет платформа од сработеното.
Пред самиот крај на размената, на 30-ти Октомври, младите креативци своето
„дело“ го претставија пред кратовската публика. Интересно е да се напомени,
дека со проектот на кратовската невладина организација РРОМА започнува новата
програма Ерасмус плус во Македонија.