Почитувани,
Млади во Акција е програма во која што една од
целите е мобилноста на младите низ Европа и пошироко. Оваа година започна
новата програма Ерасмус плус и таа го има истото за цел, но за жал мобилноста ја нема кога станува збор за младите Роми и нивното учество на овие програми. Особено, ако се земе во предвид фактот, што РРОМА беше контакт точка на националната агенција за европски образовни програми и мобилност за промовирање на програмата Млади во Акција!
Вчера, на 17.04.2014 година на граничниот премин Св.Наум на 3 девојки, членови на РРОМА не им беше дозволено да ја преминат македонската граница и да заминат на семинар во Албанија, кој што е поддржан од програмата Млади во Акција, на Европската комисија.
Тврдејќи дека биле „сомнителни“ поради годините, службите на граничниот премин не им дозволиле да поминат. И покрај документацијата на РРОМА, службите побарале „поцврсти“ докази за тоа што ќе правеле 3 млади Ромки во Албанија.
Откако, РРОМА и партнерот Рома Актив Албанија реагираа и се јавуваа цело време на службите, доставувајќи дополнителни информации, по скоро 6 саати поминати на граничниот премин, гладни и уморни им беше дозволено да ја преминат границата.
РРОМА е шокирана од овој случај, бидејќи целиот процес на проценка на службите се базира на предрасуда спрема младите девојки, членови на РРОМА.
Ние, како здружение не сме против законите на државата во која што живееме и работиме, но сме против предрасудите и несоодветниот третман спрема младата Ромска популација.
Ние работиме со младите на активно граѓанство, ги учиме да ги почитуваат законите во државата, да имаат високи
морални вредности, да учествуваат активно во општествените процеси, и да допринесуваат за развојот на Република Македонија. Но, сега одеднаш тие млади активни граѓани не можат да ја напуштат државата и отидат на семинар
во Албанија од програмата Млади во Акција само поради некоја си предрасуда!
РРОМА апелира до надлежните служби да не работат само со една целна група на граѓани, туку активно да работат и посветуваат внимание на своите службеници за да можат да реагираат соодветно, базирајќи се на законите кои што важат за Република Македонија, а не законите на предрасудите и стереотипите спрема Ромската заедница!
Искрено, се надеваме дека нема да има репетиција на ваквите случаеви и младите Роми ќе можат слободно да учествуваат на ваквите програми. Овие програми не промовираат само мобилност, туку и активно граѓанство, од кои што можеме сите да имаме бенефит во Република Македонија!
Со почит,
Мустафа Јакупов
Извршен Директор на РРОМА